Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати по повод реализацијата на симулациската вежба „Хуманитарен одговoр 2023″, која се одржa под покровителство на претседателот, а во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија во соработка со повеќе државни институции, институции за кризен менаџмент, како и национални друштва на Црвен крст од неколку земји од регионот.
Во рамки на настанот, кој се одржа во Градскиот парк во Скопје, на претседателот Пендаровски му беше доделено признанието Медал на Црвениот крст.
Симулациската вежба по прва помош во итна ситуација–земјотрес се организира по повод одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и како резултат на зачестените катастрофи во земјата и регионот.
-Токму преку настани како денешниов се отвора можност за унапредување на координацијата и комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент во државата, а тоа е од витален интерес за сите наши граѓани. Знаеме дека живееме во земјотресно активно подрачје и истовремено, сите сме свесни за климатските промени кои носат опасност од зачестени временски непогоди како поплави и екстремно високи температури, кои погодуваат на појавата на суши и пожари. Неодамна бевме сведоци и на досега невидени појави кај нас, како што беше торнадото кое се појави во битолскиот регион.
Затоа е нужно да работиме и да придонесуваме за подготвеноста на институциите и на граѓанските организации, како Црвениот крст, за да имаме брз и адекватен одговор во итни и кризни ситуации. Не помалку значајна за квалитетен одговор на кризните ситуации е и меѓународната соработка, односно, поддршката, пред сè, од нашите сојузници, партнери и соседи. Сето ова дава дополнителна сигурност кај нашите граѓани и увереност дека во случај на потреба, меѓународната солидарност нема да изостане, истакна Пендаровски.