Пендаровски доби покана, но нема да оди на отворањето на „Никола Вапцаров“ во Благоевград

од Nikola Popovski
252 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, вчера доби покана за отворањето на Македонскиот културен клуб – „Никола Вапцаров“ во Благоевград на 30 октомври 2022 година (недела), информираа за „Локално“ од прес-службата на претседателот.

Од таму додаваат дека претседателот нема да биде во можност лично да присуствува на отворањето на македонскиот клуб.

-Со оглед на претходно преземените обврски, претседателот не е во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Претходно претседателот во гостување на дебатна емисија истакна дека е зачуден што не добил покана за да присуствува на отворањето. Тој изјави дека неодамна ги примил ОМО Илинден во својот кабинет и е првиот претседател кој во историјата бил домаќин на македонско здружение од Бугарија, но тоа не било доволно за да добие покана. Пендаровски нагласи дека здружението „Никола Вапцаров“ претставува неформално организирање вон прописите на Бугарија.

Засега не е најавено присуство на преставници на Владата во недела во Благоевград. Премиерот Димитар Ковачевски информира пред неколку дена дека ќе биде во Скопје, а исто така и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порачаа дека нема да патуваат во Бугарија на денот на отворањето.

-Нема одам јас, ниту владина делегација, ниту делегација на СДСМ. Мислам дека имаме зацртано пат за отворање на официјален културен центар во Благоевград и ќе го тераме тој институционален пат и тогаш кога ќе се отвори тој клуб, ќе бидеме сите таму. Ова во недела е приватна иницијатива, секој има право, не е никаков проблем, рече денеска Маричиќ.

Од македонските политичари најавено е присуството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со негови најблиски соработници, како и делегација на Левица.

Слични содржини