Пендаровски: Екстрадицијата на Палевски нема да ја чекаме со години

од Nikola Popovski
259 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски не очекува турските власти да ја одложат постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничениот за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Тој не сакаше да зборува за пораката што му ја испрати на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но посочи дека Министерството за правда добило „позитивен фидбек од колегите од Турција, дека предусловите за екстрадиција според турските закони треба да бидат проверени, но дека ќе постапат што е можно побрзо во рамките на тие норми“.

„Генерално, имаме одлични политички односи со Турција. Не гледам дека може да има причина да одлагаат, да не го екстрадираат човекот. Секако, доколку се исполнат условите, според турските закони“, изјави Пендаровски во „Само интервју“.

Претседателот рече и дека не може да шпекулира кога Палевски ќе биде екстрадиран, но нагласи дека нема да се работи за години.

„Сепак, нема да чекаме со години, бидејќи имало такви најави, под претпоставка дека постојат некои скриени мотиви. Но, не гледам дека има такви заднински мотиви“, додаде Пендаровски.

Министерството за правда на 7 декември испрати барање до Турција за екстрадиција на Палевски. Тој е во екстрадиционен притвор во Турција, каде што беше уапсен на 5 декември во градот Баликесир, каде што пристигна преку Бугарија и Србија.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против пет лица, меѓу кои и таткото на убиеното девојче, за случајот киднапирање и убиство на 5 декември.

Четворица се осомничени дека како соизвршители сториле две кривични дела – киднапирање и две свирепо убиства (едно на малолетно и едно за личен интерес), додека петтото е осомничено дека им помогнало во извршувањето на кривичното дело киднапирање малолетно лице.

Телата беа пронајдени во неделата на 3 декември.

Слични содржини