Претседателот Стево Пендаровски, изјави дека е загрижен за евроскептицизмот, кој, според него, е неспорно во пораст.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Пандеровски оцени дека ЕУ го заборавила регионот на Западен Балкан и дека Западен Балкан во целина се уште е во чекалната на ЕУ.
„Ние сме на маргините на европската агенда, делумно поради причините што лежат во главните градови овде кај нас, а делумно затоа што Европа се занимава со себе со години, практично со децении“, рече Пендаровски.
Тој истакна дека по неуспешните референдуми за Европскиот устав во 2004 и 2005 година, Европа има сосема поинаква политичка агенда и политички приоритети.
„Имаме проблем со тоа што нашите луѓе ја губат вербата во европските вредности. Се сомневам дека тие европски вредности се исполнети со нешто друго, со некој друг збир на вредности, бидејќи објективно во денешниот свет тоа е најдобриот збир на вредности “, рече Пендаровски.
На прашањето дали ја гледа иницијативата Отворен Балкан како обид за замена на ЕУ, Пендаровски одговори не.
„Моето прво прашање упатено до сите потписници, иницијатори и до денес единствените учесници во таа иницијатива беше дали е алтернатива на Европската унија. Сите тројца, на моите одделни средби со нив, дефинитивно рекоа – не“, посочи Пендаровски.
Тој додаде дека би сакал да ја види таа иницијатива заедно со полноправно членство во ЕУ.