Пендаровски: ЕУ го заборави Западен Балкан

од Vladimir Zorba
311 прегледи

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека не е задоволен од досегашниот процес на евроинтеграции на земјава, со оглед дека дури по 17 години чекање за кандидатски статус, почнуваат преговорите за членство во Европската унија.

„Европската унија практично не заборави“, рече Пендаровски во интервју за турската новинска агенција „Анадолија“, додавајќи дека Скопје со помош на француското претседателство успеа да постигне компромис со Бугарија, која ја блокираше интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ поради историски несогласувања.

„Меѓутоа, ако погледнете наназад, ние сме со кандидатски статус од 2005 година, а ако сега ги започнувате преговорите, никој не може да каже дека сме биле многу успешни во овој поглед“.

Нагласувајќи дека ова чекање не е резултат на недостигот на реформи, туку дека има многу опструкции, Пендаровски рече дека неколку европски земји не се заинтересирани за балканскиот регион.

„Босна и Херцеговина и Косово се апсолутно заборавени земји, апсолутно заборавени. Косово не може да добие визна либерализација. А каков евроентузијазам сакате кај таа популација за Европската Унија?!“, прашува Пендаровски.

Потсетувајќи дека Црна Гора и Србија веќе десет години преговараат за членство во ЕУ, тој посочи дека сите земји од Западен Балкан чекаат да напредуваат кон Европската унија.

„Босна и Херцеговина е земјата која објективно најмногу настрада од распадот на поранешна Југославија, со најмногу жртви, повеќе од 100 илјади мртви […], повеќе од два милиони раселени. Таа не може, поради познати внатрешни противречности, да напредува. Но, и Европа, бидејќи некои држави се поблиску до еден ентитет, други до друг ентитет, не им подава доволно рака за да ги извлече од бездната кон која се приближуваат“, рече Пендаровски.

Претседателот на Северна Македонија рече дека како резултат на ваквата состојба, младите од целиот Балкан си заминуваат, додавајќи дека ниту една држава денес нема ни приближно толку жители како пред 20-30 години.