Пендаровски ги потпиша измените на КЗ во секунда, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski

Стево Пендаровски е индиго препис на претседател, по налог на Ковачевски и Ахмети потпиша измени на Кривичниот законик во секунда, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што порачуваат од најголемата опозициска партија, „Пендаровски ги фрли во корпа сите тези на владеење на право и правна држава“.

-Дури се сомневаме дека во последно време претпоставува што би биле барањата на Ковачевски и Ахмети, па пробува од прва да го има истиот став. Пендаровски е тој кој кажа дека бугарскиот диктат е всушност негов, т.е. тој го составил. Пендаровски цел мандат нема направено ништо добро, но затоа има направено штета која со години ќе треба да се санира, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа остри критики, обвинувајќи дека власта ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот.

Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.

Слични содржини