Пендаровски ги прими лауреатот, добитниците на награди и организаторите на 62. издание на Струшките вечери на поезијата

од Vladimir Zorba
178 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, академикот Влада Урошевиќ, директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски, претседателката на управниот одбор на фестивалот, Елизабета Шелева, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци”, Димитар Башески и добитник на наградата „Мостови на Струга” на УНЕСКО за дебитантска книга, Гавин Бредли.

Честитајќи му на Урошевиќ за наградата „Златен венец”, претседателот истакна дека му претставува посебна гордост, што годинава, еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци е носител на ова најзначајно меѓународно признание во светот на поезијата.

Дебитантското дело на Влада Урошевиќ е збирката песни „Еден друг град” во 1959 година. Покрај неколку десетици поетски дела, тој пишувал и проза, односно романи, збирки раскази, есеи и критики. Дел од поезијата на Влада Урошевиќ е преведена на српски, словенечки, бугарски, француски, руски, шпански, италијански и на англиски јазик. Урошевиќ е автор и на низа преводи од француската поезија.

На средбата, Претседателот упати честитки за организацијата на уште едно успешно издание на фестивалот, потенцирајќи дека Струшките вечери на поезијата се триумф на македонската култура и традиција кои истовремено го збогатуваат светскиот културен простор и дека нашата држава е горда што е домаќин на еден од најстарите поетски фестивали со препознатлив идентитет во светот. Претседателот им честиташе на поетите за освоените награди оценувајќи ги како признание за нивната поетска и литературна дејност.

Слични содржини