Пендаровски го испрати првиот контингент на АРМ: Нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа, пред сè вам

од Берта Китинска

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска во Касарна „Илинден” – Скопје, присуствуваше и се обрати на церемонијата на испраќање на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово.

-Се радувам што ја имам честа да ве поздравам на церемонијата на вашето испраќање како припадници на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово.

Вие сте дел од нашата прва ротација во оваа наша прва мисија во која учествуваме по добивањето на статусот полноправна членка во Северноатлантската алијанса и тоа нè прави сите нас особено горди. Ова наше учество во мисија предводена од НАТО е јасен показател за нашата намера да бидеме активен и ангажиран член на Алијансата и за нашата намера да придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека уште пред 20 години кога станавме земја-кандидат знаевме дека членството во најмоќната воена алијанса претставува огромна предност за нашата сигурност и безбедност, меѓутоа носи и обврски и одговорност.

-Уште пред да станеме членка на НАТО, нашата армија во сите претходни мисии во кои учествуваше покажа дека може да одговори и на најкомплексните барања и да ги изврши сите поставени задачи.

Не постои ниту една моја средба во сите овие години со високи претставници на НАТО, и цивили и генерали, на кои тие не зборуваа со посебен респект за квалитетот на македонските контингенти и во Авганистан, каде што го чувавме седиштето на мисијата во Кабул и за нашето учество во борбени мисии од кои многу наши војници се вратија со највисоки странски одликувања за покажаната храброст.

Иако сме членкa на НАТО од март годинава, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа, пред сè вам, почитувани војници и старешини, затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија.

Затоа, денеска немам ниту најмал сомнеж дека и во претстојната мисија, вие, припадниците на Армијата, ќе ги задржите највисоките стандарди и достојно ќе ја претставувате својата татковина, изјави Пендаровски.

Слични содржини