Пендаровски: Го замолив Мицотакис за поддршка и помош во однос на спорот со Бугарија

од Nikola Popovski
401 прегледи

Се сретнав со Мицотакис и тој после средбата веднаш замина на самитот ЕУ-Западен Балкан и го замолив како влијателен член и како премиер на земја-членка за поддршка и помош за самитот во однос на проширувањето на ЕУ, изјави претседателот Стево Пендаровски пред новинарите во Атина.

Тој истакна и дека изразил голема благодарност за донацијата вакцини и помошта во гаснењето на пожарите што се случија во август месец.

-Во однос на делот со Бугарија, спорот може да се реши билатерално, а сите други треба да направат амбиент и атмосфера во која ќе стане јасно дека прашањето за евроинтеграции е гео-стратешко прашање за регионот. Добив јасна заложба од Мицотакис дека ќе продолжи да го прави тоа и да ѝ помага на Македонија, потенцира Пендаровски.

Претседателот посочи дека Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања и Комисијата за трговските брендови имаат договор за следна средба.

-Тие имаа одреден застој во работата, но очекувам сега тоа време да се искомпензира, да се надомести и да почнеме со забрзан ритам да ги решаваме преостанатите прашања кои се на агенда, додаде претседателот Пендаровски.