Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ кој е во посета на Република Северна Македонија по повод учеството на неформалениот состанок на лидерите на НАТО сојузници од регионот, којшто се одржува во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу двете држави, соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот на Западен Балкан.
Во таа насока, беа разменети информации за безбедносните прашања во поширок контекст, како и за руската воена агресија против Украина и активностите во регионот.
Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста за продлабочување на традиционалното пријателство и јакнење на регионалната соработка и изразија подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во рамки на НАТО. Претседателот Пендаровски се заблагодари за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.