Македонска и бугарска делегација на 26 мај овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот претседаел Румен Радев заедно ќе го чествуваат денот на Свети Кирил и Методиј во Рим. Според најавите, тие со авионот на бугарскиот претседател заедно ќе отпатуваат во Рим, каде на 26 мај е планирано македонската и бугарската делегација да ги започнат заедничките активности за прославата. Според најавите, Радев прво треба да допатува во Скопје и по куса средба со македонскиот претседател на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим. На 27 мај Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско.
Во втората половина на јуни се очекува напредок за преговорите
Се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за европскиот пат и почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро, изјави денеска бугарскиот претседателот Румен Радев во Брисел, каде учествува на Самитот на Унијата.
– Јас многу јасно ја искажав бугарската позиција. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Република Северна Македонија и Албанија. Бугарија е најголемиот пријател на Република Северна Македонија, но патот до нивната европска перспектива поминува претежно низ Софија и ова треба да биде јасно, изјави Радев.
Според бугарскиот претседател, како што јави БГНЕС, политичкото раководство на земјава „треба да се стимулира да бара дијалог“ со Бугарија.
– Да, поддршката на ЕУ е важна, но најважна е поддршката на Бугарија, а за да се случи тоа, треба да седнеме мирно и искрено на масата и да ги прецизираме сите проблеми меѓу нас и како да бидат решени. Ние сакаме да видиме одржлив и неповратен процес, а не само декларации, додаде Радев.