Пендаровски издаде наредба за подготовка на војници и средства за помош на Словенија

од Stefanija Kuzmanovska
582 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски како врховен командант на вооружените сили на Армијата на Република Северна Македонија издаде наредба до началникот на Генералштабот на Армијата да се преземат мерки за подготовка на контингент војници и материјално-технички средства коишто најскоро би биле упатени во Република Словенија за помош во справувањето со последиците од катастрофалните поплави кои ја погодија целата земја.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски претходно во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите кои беа со огромен размер и искажал подготвеност за помош.

„Словенија е голем пријател на Северна Македонија, дом на многу наши сограѓани, наш сојузник во НАТО, држава со која соработуваме во повеќе процеси и иницијативи, а целиме да имаме и заедничка иднина во рамки на ЕУ. Македонското општество се сеќава на помошта која Словенија ни ја дала во минатото при справување со природни непогоди и ние сме подготвени да помогнеме согласно искажаните потреби од словенечката страна во рамки на нашите можности“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Слични содржини