Пендаровски-Јандроковиќ: С. Македонија и Хрватска споделуваат идентични вредности за остварување на заедничките цели за мир

од Nikola Popovski
213 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, денеска оствари средба со претседателот на Парламентот на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ.

На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска и беше реафирмиран заемниот интерес од натамошно градење на традиционално пријателските релации меѓу двете држави преку проширување и зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес.

Двајцата соговорници ја нагласија заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка особено за нејзино динамизирање преку  комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламенти, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија и Хрватска споделуваат идентични вредности во функција на остварување на заедничките цели за  мир, стабилност и просперитет на целиот Регион за што придонесува и меѓусебната соработка како две пријателски држави и сојузници во НАТО Алијансата.

Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, претседателот Пендаровски изрази благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска која во изминатиот период беше активно манифестирана на повеќе нивоа одржувајќи го фокусот на овој процес.

Слични содржини