Пендаровски-Каволи: САД се клучен сојузник на Македонија од нејзината независност

од Nikola Popovski
250 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими генерал Кристофер Каволи, командант на Копнените сили на САД за Европа и Африка.

На средбата како што информираат од кабинетот на Пендаровски било изразено задоволство од севкупна билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и САД, особено во сферата на одбраната.

Претседателот Пендаровски истакна дека САД се клучен сојузник и поддржувач на нашата државата од нејзината независност и дека Северна Македонија особено ги цени односите со САД, како нејзин стратешки партнер. Членството во НАТО, истакна претседателот Пендаровски, дава дополнителна можност за зајакнување на партнерството.

Пендаровски посочил на долгогодишната посветеност на Северна Македонија и нејзината Армија, преку континуирана соработка со САД да дава придонес во меѓународните мировни операции, вклучувајќи ги реализираните мисии во Ирак и во Авганистан.

На средбата Пендаровски се заблагодарил за севкупниот придонес на САД во модернизацијата и опремувањето на Армијата на Република Северна Македонија, како и во обука и едукација на нејзините припадници.

Биле реафирмирани заложби за континуирано зголемување на буџетот во одбраната, до исполнување за зацртаната цел до 2024 година – најмалку 2 отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на Армијата.

На средбата биле разменети информации за текот на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, што се одржува на армискиот полигон „Криволак“. Претседателот Пендаровски истакнал дека со реализацијата на вежбата Армијата на Република Северна Македонија уште еднаш ја докажува својата подготвеност да дејствува координирано со своите сојузници.

Слични содржини