Со оглед на војната во Украина, која е несомнено, огромен предизвик за европскиот континент и пошироко, но и постојните предизвици кои произлегуваат од нерешените прашања во нашиот регион, како идни претседавачи ќе се фокусираме на принципите наведени во основачките документи на оваа иницијатива, кои во голема мерка се релевантни и денес: добрососедски односи, стабилност, безбедност и интеграција на нашите земји во европското семејство на слободни и демократски народи, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски од Подгорица каде заедно со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ одржаа заедничка прес-конференција, во својство на претседатели на земјите кои се актуелен и следен претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседавањето на Република Северна Македонија со ПСЈИЕ започнува на 1 јули 2023 година.
Пендаровски порача дека клучен предуслов за напредок и демократија во регионот е неговото интегрирање во Европската Унија.
-Во тој контекст би сакал да ја поздравам неодамнешната изјава на претседателката на Европската Комисија за новиот План за развој на Западниот Балкан каде што главната заложба е идните членки на Унијата да почувствуваат дел од придобивките на членство и пред формално да станат членки, рече Пендаровски на прес-конференцијата.