Пендаровски: Македонскиот јазик е претпоставка за нашето постоење како Македонци и мора да го третираме како таков

од Nikola Popovski
233 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 5 Мај–Денот на македонскиот јазик, се обрати на свечената промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, кој претставува повеќедецениски труд на лингвистите од Институтот за македонски јазик.

„Вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор“, истакна Пендаровски.

„Иако има релативно мал број говорители, македонскиот јазик не смее да подлежи на пазарната логика. Тој е внатрешниот фундамент на секој од нас, претпоставка за нашето постоење како Македонци и мора да го третираме како таков. Бидејќи, вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор“, порача Пендаровски.

На 5 мај 1945 година, во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ е објавено решението за македонската азбука усвоено од тогашната Народна Влада. Тоа решение било изготвено од АСНОМ-ската Комисија за азбука и правопис, чиј член бил и Блаже Конески. Иако е само еден од низата важни историски датуми за развојот и кодификацијата на нашиот литературен јазик, токму 5 мај, во 2019 година, по предлог од Советот за македонски јазик, беше прогласен од Владата за ден на македонскиот јазик, потсети во своето обраќање Пендаровски.

Конески, додаде Пендаровски, бил свесен дека македонскиот јазик и македонската писменост имаат свој долг временски континуитет. Процесот што започнал низ народните наречја и преродбениците во 19-от век, кулминирал со Крсте Петков Мисирков кој, според зборовите на Конески „уште на почетокот на 20 век прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик.“

„Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет. И затоа, Конески сметал дека „нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа.“ Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија“, нагласи Пендаровски.

Слични содржини