Вчера, на 27 март, се навршија точно 30 години од денот кога последниот војник на тогашната ЈНА ја напушти Република Македонија. Тоа значеше дека суверената и независна македонска држава со својата новоформирана Армија ја презеде контролата над целата своја територија што е основен белег на секоја суверена држава, кажа денеска претседателот Стево Пендаровски на трибината „30 години развој на Армијата-формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“ во организација на Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународни односи.
Тој напомена дека Армијата во изминатите 30 години целосно се трансформираше, почнувајќи скромно, но, со гоелма волја втемелена врз слободарските традиции на Илинденците и на партизаните во антифашистичката борба.
-За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во армијата битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001-та кога во нејзините редови почнаа помасовно да се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Некои од одлуките кои ги донесов во мојот мандат беа токму од овој домен – за прв пат припадници од немнозинските заедници влегоа во специјалните единици и за прв пат во нашата историја жена офицер стана Аѓутант на претседателот. Убеден сум дека вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество на сите нивоа во Армијата само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал уште успешно да ги извршува своите уставни и законски обврски, објасни шефот на државата.
Тој нагласи дека во нашата понова историја сме имале неколку важни стратешки одлуки, од кои некои биле избрзани и популистички.
– Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија.Со особено внимание ги следиме настаните во Украина и во рамките на нашите можности, како членка на НАТО помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет. Уште од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина, и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава. Во исто време, подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме, кажа Пендаровски.
Шефот на државата кажа дека во овие 30 години од нејзиното постоење, Армијата остварила многу од зацртаните цели, благодарение на луѓето кои ја создале, ја развиле и ја донеле на респектабилно ниво на кое е денес.
-Затоа сакам тука пред вас да ја изразам мојата лична благодарност до сите нив. Чест ми е што некои од нив се денес присутни меѓу нас во оваа сала.На крајот, дозволете да упатам една порака и до целата македонска јавност: припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и досега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни, кажа Пендаровски.