Христијан Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг. Имено и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски, се вели во реакцијата од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски после изнесениот став на Мицкоски.
Како што истакнува Пендаровски, во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ.
-Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50% понизок рејтинг од партијата која ја предводи. Впрочем, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмината на листата, посочува претседателот.
Мицкоски утрово во своето гостување во радио Лидер зборуваше за Пендаровски каде потенцираше дека кога станува за Стево Пендаровски тој и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее не може да добие повеќе од два гласа.
-Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го подржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа, истакна Мицкоски.
Со соопштение се надоврзаа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека „рејтингот на Пендаровски е статистичка грешка, бледа појава, со уште побледи ставови“.
-Наместо да се фрустрира од изјавите на претседателот Мицкоски, Стево Пендаровски да се запраша каде е коренот на неговиот личен рејтинг и непрепознатливост, се вели меѓу другото во реакцијата од најголемата опозициска партија.