Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на онлајн самитот на лидери и шефови на влади на земјите-членки на Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.
„Северна Македонија постојано ја истакнува важноста за постоење на независен и ефективен Меѓународен кривичен суд. Очигледно е дека мора да се обезбеди целосна одговорност за воените злосторства и сите други злосторства поврзани со војната на Русија, вклучително и одговорност за злосторствата на агресија“, вели Пендаровски.
„Целосно ја поддржуваме Заедничката изјава за формирање на Специјалниот трибунал како меѓународен механизам кој има за цел да ги гони злосторствата на агресија извршени од страна на Руската Федерација против Украина. Нашата земја се приклучи кон групата и го поддржува формирањето на Специјален трибунал кој ќе ги истражува и гони сите злосторства на агресија и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата согласно меѓународното право“, изјави, меѓу другото, претседателот на РСМ.