„Јас се шегував вчера и денеска со еден мој соработник, па велам и најголемите разузнавачки служби не знаат во моментов кој има 61 пратеник“, рече претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.
Пендаровски вели дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.
„Она како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон“, рече Пендаровски.
Тој вели дека проценува дека кој и да формира влада, државата нема да скршне од главната насока, а тоа е интерграција на земјата во ЕУ.
„Мојата проценка од оваа позиција, е дека стратешката насока, и при евентуална промена на власта, нема да се менува. Затоа што мислам дека во однос на клучниот документ кој ни ги отвори вратите на Европа, зборувам за Договорот од Преспа, ако сегашната опозиција стане власт, ќе се однесува исто или слично како „Неа Демократиа“ во Грција. Јас кога зборував со Мицотакис, тој вели дека да бил наместо на Ципрас, немало да го потпише договорот. Рече дека не може, а да не го почитува договорот, иако не го сака. Затоа и јас мислам дека не треба да се коцкаме со ова, и нема да се коцка кој и да дојде на власт“, рече Пендаровски.