Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими регионалната директорка на Обединетите Нации за Европа и Централна Азија, Гви Јеоп Сон.
На средбата беше разговарано за политичките случувања во земјава, регионалните иницијативи и соработка, како и за ангажманот на Обединетите Нации во регионот.
Претседателот Пендаровски и регионалната директорка на ОН разменија мислења за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија. Во таа насока беа потенцирани реформските процеси, значењето на Националната развојна стратегија и МКД2030, коишто беа изработени и се имплементираат со поддршка на Програмата за развој на ОН (УНДП).
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од севкупната соработка со агенциите и телата на Обединетите Нации во земјава, со цел спроведување на долгорочните развојни приоритети на Северна Македонија, градење на институционалните капацитети и успешна реализација на реформите во повеќе клучни области.
Двајцата соговорници разменија мислења и за последиците предизвикани од руската воена инвазија врз Украина, како и за заканите од лажни вести и пропаганди.