Пендаровски: Нагласена заложбата за афирмирање и употреба на босанскиот јазик во образованието и јавните информативни сервиси

од Nikola Popovski
209 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими делегација на истакнати припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.

На средбата присуствуваа Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенција за права на заедници, Изета Бабачиќ, наставничка и автор на учебници на босански јазик, Санадин Володер, новинар од БиХ, Енис Дрндар, експерт за безбедност на инфраструктура на енергетски сектор – МЕПСО, Армин Мандал, репрезентативец во виртуелен Е-фудбал и Елвира Меќиќ, медицинска сестра и хуманитарен работник.

Соговорниците го информираа претседателот Пендаровски за предизвиците со коишто се соочуваат припадниците на нивната заедница како и за активностите насочени кон остварувањето и унапредувањето на националните права на Бошњаците во државата, во сите општествени сегменти. Во тој контекст, беше нагласена заложбата за афирмирање и употреба на босанскиот јазик во образовниот процес и во јавните информативни сервиси, како и за правична застапеност на Бошњаците во државните и јавните институции.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираниот и посветен придонес на бошњачката заедница во градењето и негувањето на нашето мултиетничко општество, кое е позитивен пример во меѓународни рамки. Честитајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, претседателот ја реафирмираше неговата поддршка и лична заложба за обезбедување на правата на сите етнички заедници, во насока на овозможување еднаков третман и шанса за секој поединец, што пак е клучен предуслов за севкупен развој на нашата држава.

Слични содржини