Претседателот Стево Пендаровски ги осуди заканите и насилството кон новинарите.
„Најостро ги осудувам заканите и насилството од кој било вид, насочени кон новинарите и медиумските работници.Изминативе денови сме сведоци на физичко и вербално насилство и закани на социјалните мрежи. Ги повикувам надлежните институции веднаш да спроведат истраги и соодветни дејства и што поскоро да ги решаваат ваквите случаи.Новинарите и останатите медиумски работници потребно е да бидат ослободени од страв, со цел непречено да ја извршуваат својата работа.Критичката мисла на јавноста е значаен показател за степенот на развој на демократската дебата.Не смееме да дозволиме да се загрозува слободата на информирање. На новинарите да им се овозможи да работат за јавниот интерес, со што граѓаните ќе можат да го остварат своето право на слободно и навремено информирање“, напиша на својот Фејсбук Пендаровски.
Имено новинарите Мирослава Бурнс од Слободен печат и Љупчо Златев од Лидер добија закнаи за објавени содржини.
Бурнс во текот на вчерашниот ден добила низа закани на својот личен профил на Фејсбук, поради објавување на текст за свадба која се одржала во Тетово, укажувајќи дека тоа е спротивно на законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19. Додека пак Златев по кратка вербална раправија бил физички нападнат во скопски локал.