Пендаровски: Направивме попис со сите нишани

од Берта Китинска

Направивме попис со сите нишани, кој не отстапува од традицијата на направени пописи што ја имавме и ние и регионот и континентална Европа, во изминатите неколку децении, изјави денеска во Прилеп претседателот на државата Стево Пендаровски.

– Не станува збор за попис најдобар во историјата на Европа, туку станува збор за попис кој ги запазува највисоките стандарди за попишување што ги има ЕУ, изјави Пендаровски.
Оваа оценка, Пендаровски ја базира не само од она што го слушнал на вчерашната презентација на резултатите, туку и од коментарите дадени од експертот ангажиран од страна на ЕУ.

Пендаровски посочи дека секогаш има контроверзи, особено кај нас на балканскиот регион, каде сме измешани и во религиозна и од политичка смисла. Тој наведе дека она што го знае од разговорите со неколку експерти, не постои попис воопшто во Европа и пошироко, кој нема одредена бројка на лица кои не се опфатени со пописот.

– Кај нас значаен дел, тие седум и колку проценти кои не се опфатени, за жал се резултат на бојкотот на политички субјекти. Очигледно е дека тоа имаше ефект во одредени делови од државата. Се разбира дека не треба да се исклучи како дополнителен фактор за тој процент и пандемијата, изјави шефот на државата Пендаровски, по обраќањето на конференција на тема „Дигитализација”, во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје.

Слични содржини