Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури, од аспект на заштитата на правото на приватност на граѓаните”, во организација на Народниот правобранител и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, до обвинителството може да иницира и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Тие овластувања од гледна точка на јавноста, како што потенцираше претседателот Пендаровски ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив.
-Иако оваа институција има сразмерно помали извршни овластувања во споредба со обвинителството или со парламентарната комисија за надзор, сепак, таа е најблиску до суштината на она што се нарекува – граѓанска контрола над власта, вклучително и врз еден од нејзините најсензитивни делови – безбедносните служби, рече меѓу другото Пендаровски.