Пендаровски: Нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската Унија

од Берта Китинска
131 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Цетиње, во рамки на официјалната посета на Црна Гора оствари средба со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по што се одржа и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели.

-Ме радува што со претседателот Ѓукановиќ делиме слични погледи за потребата од поблиска соработка, со цел, полесно да ги надминеме овие заеднички предизвици.Разговаравме се разбира и за актуелните состојби во регионот и се согласивме дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика. Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу Европската Унија и нашиот регион. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда, вели Пендаровски.

Тој посочи дека преговорите за членството се тест за кредибилитетот на Европската Унија и дека потребни се стратешки одлуки веднаш, во спротивно трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат се посилни.

-Рускиот напад на Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата. Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдање на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза.Потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина. Како дел од НАТО стоиме зад сите негови одлуки, а како земја-кандидат за членство во Европската Унија сме сто процентно усогласени со заедничката европска надворешна и безбедносна политика. Во таа смисла се приклучивме на сите пакети на санкции на Европската Унија насочени кон Русија, кажа Пендаровски.