Требаше да се случи големата трагедија во Украина, за да се увериме дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме, како што некои стравуваа. Оттогаш Алијансата активно ни помага во делот на хибридните закани и заканите од тероризам, пред се поврзани со повратниците од војните на Блискиот Исток, рече претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието пред пратениците.
Тој информира, без да навлегува во поголеми детали, дека по добиени податоци од НАТО, во три наврати изминатите години биле пресретнати терористички напади во подготвителните фази, кои се одвивале надвор од нашата територија.
-Не ѝ помагаме на Украина затоа што сме членка на НАТО и затоа што формалниот статус нѐ обврзува да помагаме. Нашата логика е следна: Малите земји мора да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи, затоа што во свет кој се потпира на аргументите на силата, нашите шанси да опстанеме се еднакви на нула, кажа Пендаровски зошто Македонија стои на страната на Украина во однос на руската агресија и ѝ помага за да ја врати својата територија.