Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Градиме издржливост, којашто ИЗИИС ја организира по повод 60- годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Потенцирајќи дека на 26 јули 1963 година останаа затрупани 1070 биографии, претседателот Пендаровски рече дека разорната моќ на земјотресот, засекогаш го промени лицето на градот. Оттука, подвлече тој, обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, но и подигнување на стандардите за градба. Токму за таа цел, во 1965 година беше и формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, но и подигнување на стандардите за градба. За таа цел, во 1965 година беше и формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (на почетокот наречен, Институт за општа и инженерска сеизмологија), со задача да ја надгледува реконструкцијата, да помогне во обновата на градот и да обезбеди континуирани истражувања на полето на сеизмологијата и земјотресното инженерство.
Во децениите кои се зад нас, ИЗИИС прерасна во респектибилна институција која овозможува обука на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери на највисоко ниво, со цел, унапредување на планирањето и проектирањето со примена на најсовремени техники, методи и процедури. Денес, брендот на ИЗИИС е препознаен и потврден во стручната јавност не само кај нас, и не само во поширокиот регион, туку и во глобални рамки, рече меѓу другото Пендаровски на обраќањето.