Пендаровски од Њујорк побара безусловно примирје во Украина: ОН да воспостават мировна мисија

од Nikola Popovski

Агресијата на Руската Федерација против Украина нанесе силен удар врз меѓународниот мир и безбедност, основните принципи на меѓународното право и меѓународниот поредок. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да го надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите, побара вчера претседателот Стево Пендаровски кој се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста во Украина”.

Според неговите зборови, клучните компоненти на идниот мировен договор треба да бидат, прво, целосно почитување на територијалниот интегритет на Украина, целосно повлекување на руските трупи, овозможување на враќање на сите бегалци и внатрешно раселени лица во нивните домови, голема поддршка за постконфликтна обнова на уништената земја и меѓународни гаранции за правата на сите етнички и верски заедници кои живеат во Украина со векови.

-Како што реков, војната во Украина сериозно го поткопа кредибилитетот на светската организација, но нуди, исто така, извонредна можност за Советот за безбедност да дејствува во согласност со принципите на Повелбата на ОН и да помогне да се врати довербата на народите во Обединетите нации како незаменлива глобална организација, порачал меѓу другото Пендаровски.

Слични содржини