Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека некои организатори на антимакедонската кампања од Бугарија се поврзани со руската разузнавачка служба и побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки.
Тој на прес-конференција по седницата на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше безбедносната состојба во земјата и во евроатлантскиот регион, рече дека побарал да им се забрани влез на некои бугарски државјани поради постапки против Северна Македонија.
„Мојот предлог до Владата, кој исто така го презентирав на седницата, согласно одредбите од Законот за странци, е да се забрани влез во нашата земја на пратеник во Европскиот парламент од Бугарија и на уште неколку лица, државјани на Бугарија, поради дејствијата што претходно ги презеле и сè уште ги преземаат против нашата држава“, рече Пендаровски.
Тој потсети дека минатата година на тројца бугарски државјани им беше откажан престојот во Северна Македонија.
„Еден од нив е особено гласен за настанот на 4-ти февруари. Останатите двајца беа локални новинари, им беше откажан престојот и им беше забранет влез во Македонија во следните шест месеци. Имаше реакции. Не можам да навлегувам во детали, само ќе кажам дека некои од овие структури и лица се поврзани со руската разузнавачка служба“, рече Пендаровски.
Претседателот не сакаше да ги именува бугарските државјани, но очигледно дека станува збор за европратеникот Ангел Џамбаски, а тој со забраната за влез кој сега е особено гласен, како што рече Пендаровски, веројатно е претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов.
Пендаровски посочи дека законските услови за изрекување на ваква мерка постоеле и претходно и ги наведе сите три услови: загрозување на јавниот ред, закана за националната безбедност или загрозување на меѓународните односи на државата.
„Тоа во принцип значи, конкретно, доколку таквите лица се надвор од државата, нема да им биде дозволен влез, а доколку се веќе внатре, ќе им биде откажан престојот и ќе бидат прогласени за персона нон грата“, истакна претседателот.
Тој порача дека посебен фокус на седницата на Советот за безбедност бил „на најновите случувања во односите со Бугарија“ и оти „причина за тоа не е само немилиот настан во Охрид бидејќи тоа е само мал дел од целиот мозаик“.
Според расположливите анализи и сознанија на надлежните органи, како што рече Пендаровски, станува збор за организирани активности на структури во соседна Бугарија, кои особено се активираа по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули минатата година.
„Истите овие структури веќе се мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање на неколку лица во Скопје на 4 февруари, кога го славиме роденденот на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан со висок безбедносен ризик и надлежните органи не можат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“, рече Пендаровски.
Претседателот им порача на, како што рече, надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија, политички да ги изолираат луѓето кои не сакаат добрососедски односи, како што тоа веќе го прават во нашата земја.
„Тоа го правиме и ќе го правиме во нашата земја. Македонија не е ваш непријател, но сепак оваа држава има закони, има достоинство и кога ќе се преминат тие граници секогаш ќе реагираме да се заштитиме“, рече Пендаровски.