Пендаровски-Пич: Благодарност за британската донација за АРМ

од Nikola Popovski
151 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими сер Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, за состојбите во регионот, како и за влијанието на руската инвазија врз Украина по стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија придава особено значење на развојот на билатералните односи со Обединетото Кралство и има постојан интерес за зајакнување на соработката меѓу двете држави во повеќе сфери од заемен интерес.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за најновата британска донација што вклучува 14 мобилни единици за обука на припадниците на Армијата во урбана средина, што денеска ќе биде примопредадена на полигонот „Криволак”, оценувајќи ја како уште една потврда на силното сојузништво на двете држави – членки на НАТО алијансата.

На средбата беа разменети мислења во врска со почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Слични содржини