Пендаровски по повод годишнината од Рамковниот договор: Ги сочувавме суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата

од Vladimir Zorba
180 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ја упати следната порака:

„Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество.

Клучните придобивки од договорот беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.

Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците.

Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.

Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали”.

Слични содржини