Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима Г.Г.Стефан и до сите верници од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица.
Чествувајќи го еден од најблагородните и највозвишените празници, Успение на Пресвета Богородица, преку кој се испраќаат суштински пораки од искона па сѐ до нашето совремие, важно е да се потсетиме дека Пресвета Богородица, Божјата мајка е парадигма за сето она по кое што безмерно трага современиот човек: сострадалност, грижа, храброст, стоичност, емпатија, љубов.
Овој голем празник исто така ни покажува и дека секое искушение треба да го понесеме заеднички и поединечно во смирение.
Честитајќи го празникот Успение на Пресвета Богородица посакувам да се потсетиме дека само со љубов и храброст какви што ги гледаме во ликот на Божјата мајка, може да чекориме низ животот. За многу години празникот.”