Претседателот Стево Пендаровски вечерва информираше дека постои само еден начин за повторно да се отвори судскиот случај „Монструм“, а тоа е ако се појави нов доказ, кој во време на првичното судење не бил познат.
-Значи нека излезат луѓе, можеби и првообвинетиот и второобвинетиот и нека кажат „не беше така, вака беше“, посочи Пендаровски во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Тој додаде дека вчера разговарал и со претседателот и со премиерот на Косово, но иако очекувал, прашањето за случаите „Диво Насеље“ и „Монструм“ не било потенцирано.
-Очекував да ми го постават тоа прашање, бидехјќи станува збор за нивни државјани и дека ќе покажат интерес во оваа смисла, меѓутоа не го потенцираа воопшто тоа прашање во разговорите, изјави Пендаровски.
Во однос на меѓународниот мониторинг, Пендаровски рече дека, тој е присутен за сите битни судски случаи.
-За „Монструм“ нема рочиште во кое внатре нема луѓе од ОБСЕ, од американската Амбасада и од Делегацијата на ЕУ. Но, тие не се со статус да ревидираат одлука. Тоа е работа, само на нашите правосудни органи, а мониторинг има и некои се дел од познати извештаи, рече Пендаровски.
Денес Управата за извршување на санкции не дозволи заменик министерот за правда на Косово, Блерим Садиху да ги посети затворениците од случајот „Диво Насеље“.
-Управата за извршување на санкциите смета дека заменикот министер за правда не е конзуларен претставник на својата држава во Македонија, туку е политички претставник на Косово-именуван функционер кој не е истовремено овластен да е конзуларен претставник на Косово за што треба да исполни посебни услови предвидени со меѓународното право, велат од Управата.