Претседателот Стево Пендаровски заедно со својата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваа на долгоочекуваното крунисување на новиот британски крал Чарлс Трети и неговата сопруга кралицата Камила. Пендаровски упати искрени и срдечни честитки.
-Благодарност за честа и поканата да присуствуваме на оваа церемонија од историско значење во Вестминстерската опатија во Лондон. Македонско-британските релации се темелат на заеднички и универзални вредности. Годинава одбележуваме јубилеј од три децении од воспоставувањето на дипломатските односи, кои уверен сум ќе продолжат да се продлабочуваат, објави претседателот.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Пендаровски со сопругата вчера присуствувале и на прием во Бакингамската палата, приреден од Кралот Чарлс Трети за странски гости – шефови на држави со кои Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска има дипломатски односи, за претставници на британските региони и прекуокеанските територии, како и за членови на кралското семејство и британската Влада.
На крунисувањето биле поканети шефови на држави со кои Лондон има целосни дипломатски односи, како и претставници на британските региони и прекуокеанските територии.
Велика Британија не испратила покани за церемонијата на крунисување до лидерите на Русија, Белорусија, Иран, Мјанмар, Сирија, Авганистан и Венецуела, јавија претходно агенциите.
Кога станува збор за Северна Кореја и Никарагва, поканите биле испратени до високи дипломати, а не до шефови на држави.