„Нашето членство се совпадна со избувнувањето на пандемијата и во почетните месеци на оваа глобална криза, македонските граѓани ја искусија важноста на солидарноста во НАТО, бидејќи добивме вредна поддршка од земјите-членки, како и од самата организација. Би сакал да ја искористам оваа можност и, во име на нашиот народ, уште еднаш да изразам благодарност за оваа многу потребна помош, пружена во многу тежок период за сите нас“, изјавил претседателот Стево Пендаровски, на прес-конференција, во рамки на работната посета на Брисел, каде што оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според него, прво, со инвестирање во одбраната, нашиот сегашен буџет за одбрана е на 1,57% од БДП.
„Ние сме посветени на постигнување на прагот од 2% до 2024 година, во рамките на кој веќе одвојуваме 20% од буџетот за модернизација на нашата армија, во согласност со сите стандарди на НАТО.
Второ, со продолжување на реформите во одбраната. Членството во НАТО ни помага да ја зајакнеме отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено кога станува збор за предизвици наметнати од трети страни. Бидејќи сме мета на хибридни закани во последните неколку години и се наоѓаме во кревка област каде што сè уште има отворени прашања, соработката со разузнавачките и безбедносните структури на НАТО е од најголема важност за Северна Македонија.
Трето, со заедничко извезување на безбедност преку операции предводени од НАТО. Години пред да станеме членка, дел сме од мисијата на НАТО во Авганистан, а неодамна станавме земја која распореди свои сили во КФОР. Ја поздравуваме одлуката да се започне со повлекување на мисијата „Решителна поддршка“ на НАТО до 1 мај. Сепак, нашата намера е да останеме вклучени во сите мисии предводени од НАТО денес и во иднина“, потенцира Пендаровски.