Пендаровски: Треба да се направи уште многу за состојбите со родовата нееднаквост

од Берта Китинска
316 прегледи

Прогрес постои, но за жал, се одвива со бавно темпо, а неретко сме сведоци и на назадувања во поглед на родовата еднаквост, како и ограничувања во однос на веќе стекнатите права на жените. Како земја, покрај одредениот напредок, имаме да направиме уште многу за да ги надминеме постојните состојби со нееднаквоста во речиси секој општествен сегмент.

Тоа го порача претседателот Стево Пендаровски, кој вчеравечер се обрати на отворањето на 11. издание на настанот „Вечери на женски права“ кое годинава се одржува од 6 до 12 март во знакот на годинешната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8. март: „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“.

Пендаровски истакна дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат со што сака да го даде својот придонес за унапредување на родовата еднаквост и родовите политики во земјата. Со позитивните промени и со стратешкиот фокус на родовите политики во периодот кој следи, смета претседателот Пендаровски, можеме како општество да направиме значаен исчекор во подобрување на родовата еднаквост во секоја сфера.

Оваа година одбележувањето на Меѓународниот ден на жената е во знакот на неколку значајни јубилеи поврзани со глобалните заложби за унапредување на родовата еднаквост и женските права. Одбележуваме 25 години од Пекиншката декларација и Платформа за акција, 20 години од усвојувањето на Резолуцијата 1325 за жените, мирот и безбедноста, 10 години на UN Women (Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените), како и пет години од Агендата 2030 и целите за одржлив развој на Обединетите нации. Токму сега, наведе претседателот, е периодот кога ние како држава, и останатите земји на светско ниво, го оценуваме напредокот во исполнувањето на зацртаните глобални цели и преземените обврски за постигнување на родова еднаквост на национално и глобално ниво. Прогресот постои, но за жал, се одвива со бавно темпо, а неретко сме сведоци и на назадувања во поглед на родовата еднаквост, како и ограничувања во однос на веќе стекнатите права на жените, оцени Пендаровски.

Според него, како земја, покрај одредениот напредок, имаме да направиме уште многу за да ги надминеме постојните состојби со нееднаквоста во речиси секој општествен сегмент.

– Позитивните законски решенија и политики донесени во изминатите две години, како што е ратификувањето на Истанбулската Конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство) и законското решение во поглед на здравствените и репродуктивните права на жените, се значајни исчекори во заложбите за подобрување на родовата еднаквост во земјата. Сепак, ефективните промени и трансформативниот потенцијал на политиките и законите зависат од нивната доследна имплементација и алоцирање на соодветна буџетска поддршка. Искуствата на развиените земји ни покажуваат дека вистински напредок во унапредување на родовата еднаквост се постигнува со родово одговорни политики во секоја сфера, посветено и долгорочно инвестирање во родовата еднаквост и вложување во образованието, нагласи шефот на државата.

Укажувајќи дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат, со што сака да даде придонес за унапредување на родовата еднаквост и родовите политики во земјата, истакна дека во рамки на неговите надлежности како врховен командант, првпат во нашата историја поставил и жена за аѓутант.

– Настојувам да има родов баланс и на пониските и на повисоките позиции во мојот кабинет, а ангажирав и советничка за родови прашања, рече претседателот.

Тој верува дека со позитивните промени и со стратешкиот фокус на родовите политики во периодот кој следи можеме како општество да направиме значаен исчекор во подобрување на родовата еднаквост во секоја сфера.

Слични содржини