Пендаровски-Ван дер Белен: Позитивна одлука би била заслужено признание за Северна Македонија

од desk4
243 прегледи

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска престојува во официјална посета на Австрија. Со највисоки државни и воени почести претседателот Пендаровски во Виена беше примен од сојузниот претседател Александер Ван дер Белен, со кого оствари и билатерална средба.

Претседателот Пендаровски заблагодарувајќи се за поканата и укажаното гостопримство, на средбата истакна дека посетата во пресрет на одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави е уште еден показател дека Северна Македонија и Австрија се пријателски и партнерски земји.

Претседателот Пендаровски се заблагодари и за силната поддршка којашто Северна Македонија во континуитет ја добива од Австрија на нејзиниот евроинтеграциски процес и изрази верување дека поддршката ќе продолжи.

Двајцата претседатели разговараа и за одлуката којашто Северна Македонија ја очекува од Европскиот совет за почеток на претпристапните преговори за членство на земјата во ЕУ, при што претседателот Пендаровски истакна дека позитивна одлука би била заслужено признание за досегашната улога на Северна Македонија, како во креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси во кои нашата држава несебично дава свој придонес.

На средбата, претседателите Пендаровски и Ван дер Белен разговараа и за унапредување на меѓусебната економска соработка. Претседателот Пендаровски подвлече дека Австрија како најголем странски инвеститор во нашата држава со вкупни инвестиции од над 600 милиони евра, е значаен трговски партнер на Северна Македонија.

Во рамки на официјалната посета на Република Австрија, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средби и со сојузната канцеларка, Бригит Биерлејн и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.

Слични содржини