Пендаровски во ОАЕ: Можно е воспоставување директна линија Скопје-Абу Даби

од Nikola Popovski
134 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Абу Даби се сретна со шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, претседател на Обединетите Арапски Емирати и владетел на Абу Даби.

На средбата беа разменети мислења за можноста за продлабочување на билатералните односи, интензивирање на економската соработка, актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за надворешните приоритети и политичките состојби во двете земји.

Претседателот Пендаровски му честиташе за именувањето за нов претседател на Обединетите Арапски Емирати и изрази уверување дека Обединетите Арапски Емирати ќе останат посветени на одржувањето на регионалниот и глобалниот мир и безбедност, како наши заеднички напори.

На средбата беше констатиран позитивниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и беше изразено очекување добриот политички дијалог, мултилатералната соработка и меѓусебното почитување да продолжат со истата динамика и во иднина, што ќе резултира со конкретна соработка во повеќе области од заемен интерес.

Претседателот го истакна интересот на Северна Македонија за подобрување на економската соработка и трговската размена со Обединетите Арапски Емирати. Со цел поттикнување и унапредување на соработката меѓу бизнис-заедниците, претседателот ја истакна потребата од подобрување на правната рамка меѓу двете земји и поттикна иницијативи за склучување билатерални договори и договори за соработка во повеќе области. На средбата се разговараше за воспоставување на директна линија Скопје-Абу Даби, а беа поздравени иницијативите за поддршка на инвестициски и инфраструктурни проекти од ОАЕ, кои се од стратешки интерес за Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.

Во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот Пендаровски го посети Вахат Ал Карам – Оаза на достоинството, каде положи цвеќе и им оддаде почит на мачениците и хероите на Обединетите Арапски Емирати.

Претседателот Пендаровски ја посети и Големата џамија на Шеик Зајед како едно од импозантните архитектонски дела во Обединетите Арапски Емирати, во чија градба се користени и материјали од Прилеп.

Воедно, претседателот Пендаровски ја посети и Аврамската семејна куќа, која со дизајнот и мисијата ги доловува заедничките вредности на јудаизмот, христијанството и исламот и служи како платформа и образовен центар за меѓусебно разбирање, прифаќање и толеранција.

Посетата на претседателот Пендаровски на Обединетите Арапски Емирати е прва посета на претседателско ниво. Во рамки на посетата, како дел од соработката меѓу Министерствата за надворешни работи беше потпишан и Меморандум за укинување на визите за носители на дипломатски и службени пасоши меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

Слични содржини