Претседателот Стево Пендаровски синоќа во претседателската Вила „Водно“ во Скопје ги пречека колегите од регионот, кои ќе учествуваат на средбата на лидерите на земјите од процесот Брдо-Бриони.
Добредојдовте моите колеги од регионот со кои очекувам конструктивна дискусија утре на средбата во рамките на Процесот Брдо-Бриони, напиша Пендаровски на Фејсбук со фотографии од претседателите на земјите од регионот.
На фотографиите со Пендаровски беа претседателите на Словенија Наташа Пирц Мусар, на Хрватска Зоран Милановиќ, на Црна Гора Јаков Милатовиќ, на Косово Вјоса Османи, на Албанија Бајрам Бегај и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и Денис Беќиниревиќ.
Претходно беше најавено дека на денешната средба на процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе учествуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Во фокусот на годинешната средба на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони во Скопје, чиј домаќин е Пендаровски, а кодомаќин се Милановиќ и Пирц, се европските интеграции, климатските промени и емиграцијата на младите, соопштија од кабинетот на претседателот.
Процесот Брдо-Бриони за прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска на Брдо кај Крањ.
Главна цел на тој процес е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Лидерите на земјите од процесот Брдо-Бриони се среќаваат најмалку еднаш годишно, а за утрешната средба се акредитирани 125 претставници на медиумите, од кои 53 се од странство.