По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, во Скопје, предвидено е претседателот Стево Пендаровски рано утрото да положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел.
Исто така предвидено е да се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.
Во Скопје, делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар, Миле Бошњаковски, ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец”, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија”.
Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива” и на Мечкин Камен.
Во Пелинце, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ.
Во Смилево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев”.