Пендаровски ќе го отвори 63 Охридско лето

од Vladimir Zorba
165 прегледи

Директорката на НУ „Охридско лето”, Наташа Поповиќ денеска оствари работна средба со Претседателот на државата Стево Пендаровски на која, официјално и оваа година, го покани да го отвори 63 издание на Фестивалот а се разговараше и за идните активности во рамките на покровителството на оваа наша најзначајна музичко-сценска манифестација.

„Охридско лето”, репрезент на македонската култура и уметност го носи приматот како најзначајна музичко-сценска манифестација благодарение на огромната поддршка која ја добиваме од Претседателот на државата. Голема е честта што и годинава „Охридско лето” ќе се одржи под покровителство на г. Стево Пендаровски, човекот кој со своите залагања остава длабоки траги во целокупната македонска културна историја”, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.

На средбата директорката Поповиќ го информираше Претседателот за активностите и подготовките во пресрет на 63. фестивалско издание кое и оваа година ќе понуди врвни концерти и театарски претстави. Воедно на средбата, на која присуствуваа и селекторките на музичкиот и драмскиот дел од програмата, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, беше потенцирана и важноста од поддршка која ја дава Покровителот на Фестивалот.

„Со самото тоа што „Охридско лето” се одржува под покровителство на Претседателот на државата може да се претстави пред врвните уметници како голема културна манифестација која од година во година го потврдува и надградува високо-квалитетното уметничко ниво”, вели Поповиќ.

Реномираниот меѓународен фестивал „Охридско лето” е основан во 1961 година и се одржува секоја година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август во Охрид, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за култура, Локалната самоуправа, како и бројни спонзори и донатори. Од 1994 година „Охридско лето” е член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) која повеќе од седум децении обединува 200 фестивали и фестивалски асоцијации од 40 земји.

Слични содржини