Пенов: Дигиталната трансформација е глобален тренд и ние мораме да го фатиме чекорот

од Vladimir Zorba
229 прегледи

Со дигитализација на работните процеси, се обезбедува поголема ефикасност и транспарентност во процесот на прибирање на проектните апликации и во следењето на проектите кои што се финансираат од Буџетот на државата, преку Програмата за рамномерен регионален развој, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на промоцијата на проектот „Гоу грин” на Бирото за регионален развој.

-Овој проект е добар пример како институциите преку ИПА инструментот на Европската Унија можат да го унапредат пред се своето работење, но исто така да влијаат и на трансформацијата на другите сектори во државата. Со поддршка од Европската Унија Бирото за регионален развој го реализираше овој проект во вредност од 320 000 евра, а кофинансирањето од 15% го обезбеди Министерството за локална самоуправа.

Според Пенов дигиталната трансформација е глобален тренд и ние мораме да го фатиме чекорот, а предизвиците за јавниот сектор се големи, токму затоа се потребни нови алатки, но и знаење.

-Другата придобивка е што проектот има за цел да ја поттикне дигиталната трансформација и во бизнис секторот, особено во гранките кои што имаат најголемо учество во Бруто домашниот производ во државата. Тоа ќе значи поголема конкурентност, но и поттикнување на зелен развој. Овој предизвик произлегува и од стратешките документи на Европската Унија кон кои што во континуитет се прилагодува нашата држава, бидејќи токму зелениот Договор на ЕУ повикува на насоченост и кохерентност на европските политики кон одржливиот развој и т.н. зелено финансирање, рече Пенов.

Како што појасни тој, ова од аспект на намалување на климатските промени, би значело, приоретизација на политиките за кои веќе постојат научни проценки дека покрај економските имаат и позитивни ефекти врз животната средина и намалувањето на климатските промени или, дополнително, имаат и потенцијал за креирање на зелени работни места.

Слични содржини