Моделот на линерно зголемување на пензиите направи поделби и донесе поларизација меѓу пензионерите, оние со пензии над 20.000 денари сепак се финансиски оштетени – вели за „Локално“ Станка Трајкова од Сојузот на здруженија на пензионери.
Вели дека според последните законски измени, во март следува уште едно, и засега последно линерно зголемување на пензиите по што натамошните пресметки за пораст ќе бидат според законско усогласување во однос на стапката на инфлација и растот на просечната плата.

Фото: Јутјуб/Принтскрин
„Линеарното зголемување за 1.000 денари во септември и уште 1 000 денари за март годинава е предвидено со последните законски измени. По оваа преодна норма ќе се продолжи со законското, системско решение за усогласување на пензиите. Целиот концепт на линеарно зголемување на пензиите направи поларизација, поделни мислења меѓу пензионерите. Сега имаме ситуација во која вкупната сума на пари се дели подеднакво на вкупниот број на корисници на пензија. Сепак, пензионерите со над 20 000 илјади денари се оштетени, бидејќи со законското усогласување би добиле поголем износ на пораст на пензијата“ – вели Трајкова.
Од април годинава нема да има пензија пониска од 15 000 денари, Владата продолжува со линерно зголемување на пензиите, се додека не се постигне вкупното зголемување од 7 000 денари, најави премиерот Христијан Мицкоски со што стави крај на дилемите по кој основ ќе се зголеми мартовската пензија.
„Со линеарното зголемување на пензиите, не само што се намалува јазот, односно се зголемува правилната распределба на приходите, туку се намалува и стапката на сиромаштија, бидејќи пензионерите се најсиромашната група граѓани. Со интервенцијата започната од ноември 2024 година, заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување на пензиите за седум илјади денари и нема да има пензија под 15 илјади денари“ – изјави премиерот Мицкоски.
Уставниот суд минатиот месец ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста на законското решение со кое се овозможи линеарен пораст на пензиите за 1 000 денари но одлука по инцијативата не беше донесена поради изедначен резултат при гласањето на судиите. Едно од образложенијата за оспорување на уставноста на „линеарката“ беше дека дел од пензионерите се оштетени со овој модел, односно дека се прекршени уставно загарантираните права. Премиерот Мицкоски вели дека „нема да ги коментира одлуките на Уставен суд“.

Фото: Локално
Според Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери, добро е што пензиите се зголемуваат, но оценува дека сепак на некој начин не е законски и се коси со Устав модел според кој “земаш од еден за да дадеш на друг“.
Во новата буџетска 2026 та година за редовна исплата на пензии ќе потрошат околу 1 900 000 евра а повеќе од половина од оваа сума треба да се обезбеди од Централниот Буџет. Како што веќе објави “Бизнис-инфо“ според проекциите на државниот ПИОМ оваа и следната година се очекува пораст и на бројот на пензионери.
„На крајот на 2026 година се предвидува бројот на корисниците на пензија да изнесува 351.676 корисници. Ова е зголемување од 3.481 корисници односно пораст од 1,0%. Од овој број се планира 2.818 корисници да остварат право на старосна пензија, додека кај другите корисници се предвидува намалување“ – се наведува во буџетскиот документ на ПИОМ.
Следното линерно зголемување ќе биде со априлската пензија, за 1.000 денари, со што би требало да заврши овој модел на пораст на пензиите. Засега, спроед најавите, натамошното зголемување треба да биде врз основа на системското усогласување на пензиите – но опцијата за нова „линерка“ останува возможна и остварлива, преку законски измени, како што се правеше и досега.
Д.А.