ПЕР 2023-2025: Подобрување на човечкиот капитал и конкурентноста, како и зелена трансформација

од Vladimir Zorba

Програмата на економски реформи 2023-2025 беше усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија на 1 февруари 2023 година и истиот ден официјално е доставена до Европската Унија. Програмата е подготвена врз основа на Фискалната стратегија 2023-2027, среднорочната буџетска рамка за периодот 2023-2027, националните секторски стратегии, регионални стратегии и документи, зелената и дигитална агенда на ЕУ, како и Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Исто така, таа се темели и на препораките во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата од октомври 2022 година, пишува во својата редовна викенд колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Кога зборуваме за структурни реформи и приоритети во реформската агенда, програмата за економски реформи е најсеопфатниот документ, кој овозможува следење на степенот на реализација на реформите до нивна целосна реализација. Во Програмата, како клучни предизвици за јакнење на конкурентноста и обезбедување на одржлив и инклузивен раст на нашата економија се: 1) унапредување на човечкиот капитал; 2) зелената транзиција, како и 3) подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија и нивна понатамошна интеграција во глобалните синџири, како и формализација на економијата. Овие цели се во контекст и на видувањата на ЕК по однос на претходните состојби и претходната економска програма, кои укажуваат на подобрување на квалитетот и релевантноста на образовниот систем за раст на вработеноста, подобрување на конкурентноста на домашните компании, инклузија во глобалните синџири на добавување и намалување на неформалната економија, како и модернизација на енергетскиот сектор и транзиција кон чиста енергија.

И покрај неколкуте кризи кои се преклопија во текот на изминатите неколку години, нашата влада продолжи да работи на реформите кои ќе нѐ приближат до нашите цели – членство во Унијата, но и општо унапредување на домашниот систем и перформанси, односно носење на европските услови за живот во нашата земја. Во областа на јавните финансии би го истакнал усвојувањето на новиот Закон за буџети, со кој се воведува среднорочно буџетирање, а се воспостави и правна рамка за фискален совет и фискални правила. Започната е и реформата на даночниот систем врз основа на истоимената стратегија, која реформа се заснова на концептот на проширување на даночната база преку ревидирање на даночните трошоци и намалување на сивата економија. Во Министерството за финансии воспоставен е Сектор за управување со јавни инвестиции, додека во напредна фаза е усогласување на текстот на предлог-Законот за јавно приватно партнерство. Од аспект на дигиталната трансформација во јавниот сектор ќе истакнам дека е започнат процесот за дигитализација во јавните финансии, односно за воспоставување на Интегрираниот информациски систем за управување со финансии, Информацискиот систем за управување со државна помош и Информацискиот систем за управување со даночните приходи на Управата за јавни приходи. Дизајнирани се и мерки и активности во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка, фискална дисциплина, одржливост на долгот и транспарентно управување со јавните финансии.

Значајни стратегии кои ќе се усвојат годинава се Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за формализирање на неформалната економија за период 2023-2025, како и Стратегијата за развој на човечкиот капитал, 2030. Подготвен е и Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, а дополнително се работи на подобрување на правната рамка за пазарот на труд, како и подобрување на квалитетот во образовниот и здравствен систем. Се подготвува и правната рамка за воспоставување на Фондот за зголемување на енергетската сигурност, со цел намалување на ранливоста на земјата на надворешни шокови и подобрување на енергетската ефикасност.

Сите горенаведени активности се во насока на исполнување на поставените цели согласно заедничките заклучоци со ЕУ, а во насока на надминување на клучните предизвици и одржливо економско закрепнување, како и поголема отпорност на економијата и фискална одржливост“, истакнува Бесими.

Слични содржини