ПЕС: ВМРО-ДПМНЕ продолжува да игра опасни политички игри со говор на омраза, ова не е иднината што ја сакаат граѓаните на С.Македонија

од Vladimir Zorba
426 прегледи

Партијата на европските социјалисти е разочарана што преговорите за пристапување во ЕУ за Република Северна Македонија се соочуваат со рано назадување, откако бугарската влада објави дека засега го блокира процесот. Политичката мудрост на двете земји е ставена на тест – само јазикот на соработка и целосно разбирање на долгорочните перспективи во регионот можат успешно да ја надминат оваа пречка, се вели во соопштението на Претседателството на ПЕС за состојбата во процесот на пристапните преговори.

„Европските социјалисти и демократи секогаш биле поддржувачи на процесот на проширување за Западен Балкан. ПЕС го поздрави одобрувањето на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март оваа година и нацрт-рамката за преговори претставена на земјите-членки во јули.

Денес, ПЕС сака да изрази надеж дека правичен и длабински дијалог помеѓу Бугарија – која е земја-членка на ЕУ веќе 13 години – и Северна Македонија – која силно ја изрази својата желба да се зачлени во Унијата – ќе најде решение во корист на обете земји. Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев продолжува да демонстрира храброст и лидерство додека бара начин да се излезе од ќор-сокакот, давајќи го првиот сигнал дека е можен ваков длабок дијалог. Брзиот почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и целиот регион на Западен Балкан. Време е сите да постапат одговорно и со мудрост, водена од визијата за заедничка европска иднина.

ПЕС е загрижена од зголемувањето на бранот национализам и десничарската реторика, и во Бугарија и во Северна Македонија, што опкружува назадување на преговорите за пристап. Луѓето во двете земји ќе го паметат говорот на омраза во регионот за време на претходната конзервативна влада на тогашната Поранешна Југословенска Република Македонија. Во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ го наруши дијалогот со Бугарија, Грција и целиот регион, со што пристапувањето во ЕУ стана невозможен сон. Под нивни мандат, Северна Македонија доживеа деценија на замрзната интеграција и проблематични односи со соседните земји. Денес, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да игра опасни политички игри со говор на омраза, иницирајќи конфронтација. Ова не е иднината што ја сакаат луѓето во Северна Македонија.

Социјалдемократската влада на Зоран Заев е таа што ја водеше Северна Македонија до почетната точка на преговорите со ЕУ и тој останува најдобрата личност да го продолжи тој процес, доколку и се даде шанса на земјата“, се додава во соопштението на ПЕС

Слични содржини