Кремљ денес соопшти дека Финска „ѝ се заканува“ на Русија со објавување измени во нејзиното законодавство за отстранување на ограничувањата за присуство на нуклеарно оружје на финска територија.
„Ги видовме овие изјави што водат до ескалација на тензиите на европскиот континент. Со распоредување нуклеарно оружје на своја територија, Финска почнува да претставува закана за нас“, рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„И ако Финска ни се закани, ќе преземеме соодветни мерки“, предупреди Песков.
Хелсинки вчера објави дека ја разгледува оваа можност со цел да се усогласи со политиката на одвраќање на НАТО, пренесe Франс Прес.
Според финскиот министер за одбрана Анти Хаканен, предлогот на владата би дозволил „внесување нуклеарно оружје“ во земјата, нивен „транспорт, испорака или поседување“, под услов тоа да е „поврзано со воената одбрана на Финска“.
Во сите други ситуации, нуклеарното оружје би останало забрането, објасни министерот.
Хакенен истакна дека безбедносната средина на Финска и Европа „темелно се промени и се влоши“ по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Финска оттогаш ја напушти својата децениска политика на воена неутралност и се приклучи на НАТО во април 2023 година. Оваа промена бара измена на законот за нуклеарна енергија и кривичниот закон.
Повеќето земји-членки на Алијансата „немаат ограничувања во своето законодавство за целосна примена на политиката на НАТО за одбрана и одвраќање“, нагласи Хакенен.
Владејачката десничарска коалиција објави дека законот е поднесен на консултации што ќе траат до 2 април, изразувајќи надеж дека потоа ќе биде усвоен што е можно поскоро, пишува Франс Прес.