Состанокот е свикан само неколку часа откако Трамп објави дека со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постигнал „рамка на идниот договор“ за Гренланд, што внесе дополнителна неизвесност во Европски совет.
Иако изјавата на Трамп дека нема да воведе царини за земјите од ЕУ привремено ги тргна од дневен ред планираните трговски контрамерки, работната вечера се смета за клучна за поширока дебата, од американскиот притисок за преговори меѓу Русија и Украина, до формирањето Мировен одбор за Газа. Со состанокот претседава Антонио Кошта, кој ќе треба да ги усогласи спротивставените позиции, пренесува Politico.
Францускиот претседател Емануел Макрон е на чело на помала, но сè погласна група земји што се залагаат за поцврст одговор кон Трамп. Тој потегот околу Гренланд неодамна го нарече „империјализам или нов колонијализам“, критикувајќи ја, како што рече, „бескорисната агресивност“ на американскиот претседател. Макрон има поддршка и од белгискиот премиер Барт де Вевер и шпанскиот премиер Педро Санчез, кои не ја исклучуваат ни можноста за трговска конфронтација доколку биде потребно.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, иако првично испраќаше повнимателни пораки, сè поотворено се приближува кон француската линија. Тој јавно истакна дека Берлин сака да избегне ескалација, но и дека ќе ги заштити европските и германските интереси, сигнализирајќи подготвеност за поодлучни чекори.
Посебно внимание е насочено кон италијанската премиерка Џорџа Мелони, која одржува близок однос со Трамп, но истовремено има важна улога во обликувањето на европската политика. Таа неодамна разговараше телефонски со американскиот претседател, а италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека целта не е конфронтација, туку заемно корисно решение. Дипломатски извори, сепак, очекуваат Мелони на крајот да се приклучи кон заедничката европска позиција.
Полскиот премиер Доналд Туск се наоѓа во чувствителна позиција, балансирајќи меѓу домашната политика и зависноста од американското воено присуство, додека чешкиот премиер Андреј Бабиш повикува на смирен договор за да се зачува единството на НАТО, иако ги признава легитимните безбедносни грижи на САД.
На состанокот ќе учествуваат и словачкиот премиер Роберт Фицо и унгарскиот премиер Виктор Орбан, познат по својата наклонетост кон Трамп. Дипломатите оценуваат дека, и покрај различните ставови, целта на вечерниот состанок е да се испрати сигнал за европско единство во односите со сè понепредвидливиот Вашингтон.