Денеска Македонија одбележува пет години откако стана дел од НАТО, исполнувајќи една од своите најважни стратешки цели. Како 30-та членка на Алијансата, земјата го зацврсти своето место во меѓународната безбедносна структура – патување што започна уште во 1993 година со усвојувањето на Резолуцијата во Собранието, со која беа дефинирани главните надворешно-политички приоритети: интеграција во НАТО и Европската Унија.
По долгогодишни напори, на Самитот во Букурешт во 2008 година, Македонија доби условена покана за членство, чија реализација зависеше од решавањето на спорот за името со Грција. Овој предизвик беше надминат со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, со што беше отворен патот за завршување на процесот на интеграција.
Клучниот чекор беше направен на 6 февруари 2019 година, кога беше потпишан Пристапниот протокол, а по неговата ратификација, на 27 март 2020 година, Македонија стана полноправна членка на НАТО. Овој датум останува значаен симбол на долготрајниот ангажман и посветеност на земјата кон колективната безбедност и стабилност.