Пет совети кои ќе ви помогнат да потрошите до 50 отсто повеќе калории при пешачењето

од Stefanija Kuzmanovska

За да го користите одењето како добра вежба која ќе ви помогне да изгубите тежина, да изградите мускули и да добиете кондиција, не мора да пешачите со километри секој ден.

Следните пет трикови ќе ви помогнат да извлечете максимум од пешачењето и да потрошите до 50 отсто повеќе калории.

1.Одете по угорница

Пронајдете какви било угорнини, скали, закосени терени и ќе потрошите 50 отсто повеќе калории отколку да пешачите по рамно тло. Ако вежбате на подвижна трака, започнете со наклон од пет степени, а потоа зголемете до 7 или 8 степени, при што навистина ќе го почувствувате зголемениот интензитет на употреба на мускулите. Ако можете избегнувајте да ги држите потпирачите за раце бидејќи во спротивно ќе го намалите ефектот на одењето.

2. Зголемете ја брзината на одење

Ако успеете да одите со брзина од околу 126 метри во минута (околу 2 метри во секунда), ќе потрошите ист број на калории на изминат километар како да трчате. Одете правејќи брзински интервали – одете што е можно побрзо од 30 до 60 секунди, а потоа одете со умерена брзина 5 минути. На овој начин ќе спречите замор, а метаболизмот ќе работи побрзо и подолго откако ќе завршите со одењето.

3. Користете ги рацете

Свиткајте ги лактите под агол од 90 степени и додека одите мафтајте со рацете од рамената. Тоа движење нека биде кратко – ако замавнете со рацете премногу напред, нема да можете да ги движите доволно брзо за да согорите максимална количина калории.

4. Купете добри патики

За пешачење, најдобро е да изберете обувки во областа на стапалата обложени со мека влошка, особено во областа на петицата, што ќе помогне да се омекнат честите удари на земјата. Покрај тоа, кога одиме, стапалото се движи како лулка, а тежината од петицата се пренесува преку средината на стапалото до прстите. Ова значи дека најдобри патики за пешачење се оние чијшто централен дел е флексибилен и кои овозможуваат такво движење и обезбедуваат поддршка на лакот на стапалото, односно на ѓонот (делот од стапалото што е рамен кај луѓе со рамни стапала), каде што притисокот врз стапалата при одење е најголем.

5. Користете стапови за одење

Скандинавците одамна знаат дека стапчињата се многу корисно средство за одење доколку сакаме да ги зајакнеме мускулите и да изгубиме тежина, а тие неизбежно помогнаа во нивното познато нордиско одење. Тие се користат за правење динамични движења напред и назад. Другите минувачи може да ве гледаат зачудено, но вие ќе потрошите 20 до 45 отсто повеќе калории отколку да одите без стапови.

Слични содржини